Емпатија и хуманост или затворање на граници? Треба ли Македонија да згрижи бегалци од Авганистан?

За денешната „Тема за дилема“ ги прашавме нашите читатели за нивниот став поврзан со одлуката во Македонија да се примат 450 цивили бегалци од Авганистан. 

Додека едни сметаат дека тоа е гест на хуманост и емпатија, други се со голема доза на скептичност во однос на оваа одлука. Кај дел од граѓаните владее и страв, додека пак други гледаат скриени сценарија поврзани со претстојните избори, односно обезбедување поголемо гласачко тело поврзано со една или друга партија. Некои сметаат дека бегалците се „проблем на Европа“ и дека не е наше да ги примаме на безбедно. 

„Не треба да се згрижат баш тука во Македонија, ако гледаме за во иднина, ќе биде полошо. Можеби звучи неетичко, но ние сме мала држава во која едвај луѓето преживуваат од ден за ден“, смета една читателка. 

Голем дел од луѓето се со став дека без разлика што тие мислат, одлуката е веќе донесена, бидејќи некој друг така наложил, а Македонија само реализира. 

Меѓу коментарите, иако малку, ги има и оние кои сметаат дека е добро што Македонија излегува во пресрет на цивилите од Авганистан. На тоа, поедини читатели реагираат со предлог оние кои се „за“, самите да ги примат дома бегалците. Не изостануваат ниту коментарите од типот „Што ако дојдат, самите ќе си отидат“, алудирајќи на незавидната политичка и општествена состојба во нашата земја. 

Други пак, потсетуваат дека во неодамнешните пожари многу Македонци останаа без покрив над глава, со оштетени домови и покуќнина, без резерви на храна и угинат добиток. Тие предлагаат државата најпрво да се погрижи за своите граѓани, наместо за „туѓинци“. Сосема мал дел од коментарите се позитивни и ги гледаат нештата од хуманитарниот аспект.  

Сè на сè, во јавноста, во однос на ова прашање преовладува негативниот став, а се наведуваат најразлични причини, од измешани приоритети, до оградување од вина бидејќи „тоа е масло на Америка“, па сè до страв дека ќе бидеме напаѓани по улици и ќе ни ги земат домовите - се само дел од ставовите кои граѓаните ги имаат за овој проблем.