„Екосвест“: Дрвото можеби грее најевтино и најубаво, но е тивок убиец

Според Светската банка, поради намалената економска моќ, дури три четвртини од населението во земјата се грее или готви на дрва, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ од Скопје, со поента дека растечкиот тренд на употреба на огревното дрво е меѓу причините за загадувањето на воздухот во Македонија да е едно од најголемите во Европа.

„Изминативе години, токму поради ниската економска моќ на граѓаните, тие користат дрва како најевтина и најдобра алтернатива за греење на домовите, кои исто така не се енергетски ефикасни и со секој друг енергент нивното загревање би чинело многу пари. Токму поради емисиите на јаглероден диоксид и на цврстите честички, кои, меѓу другото, се продукт и на навиките за греење на домовите, аналитичарите на Светската банка ја рангираат нашата држава на петто место во Европа според смртноста од загаден воздух“, велат од „Екосвест“.

Од таму додаваат дека, според процените, цврстите честички во воздухот се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и за илјадници изгубени работни денови, што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно, еднакво на 3,2 % од БДП.

„Прераната смртност се појавува од кардиопулмонални заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ 10 и ПМ 2,5 до европските гранични вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изгубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милион евра годишно“, нагласуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина повикувајќи се на извештајот од Светската банка.