Џамбо сендвичи за слониците Дуња и Даела (фото)

Кој рече дека слоновите не сакаат сендвичи?

– Зоо негуватели подготвија вкусен оброк за Дуња и Даела – велат од скопската Зоолошка градина.

Дуња и Даела се најдобри другарки. Речиси цел живот се заедно. Неразделни. Иако се од различен вид, Даела е африканска слоница, а Дуња индиска, иако имаат речиси 20 години старосна разлика, тие совршено функционираат само ако се заедно.

Дуња е индиска слоница, родена е 1970 година и сега има 48 години, додека Даела е африканска шумска слоница, џуџест вид, и е родена 1989 година, има 29 години. Војо, Виктор, Бојан и Биљана секојдневно се грижат за нив. Бидејќи габаритните животни бараат голема ангажираност и претпазливост.

Даела е помала кога станува збор за растот и увото, како и на сите африкански слонови, ѝ е во облик на континентот Африка. Таа има и бивни, односно надворешно заби, додека Дуња е поголема и речиси 20 години постара од Даела. Живеат во внатрешно живеалиште од 400 квадратни метри со дел за спиење, хранење, за средување нозе, прегледи. А надворешното има 3.200 квадратни метри широк двор, реквизити за играње и базен.