Џафери со одговор до Тошковски: Ако нема врзан потпис одлуките се поништуваат

По објава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека Владата му ги поништува неговите одлуки, техничкиот премиер Талат Џафери вели дека законот е јасен посебно ако нема врзан потпис од страна на дополнителниот заменик министер.

„Ако нема врзан потпис се поништуваат, после постапката кога ќе потврди нешто друго се преземаат соодветни одговори и постапи согласно процедурата. Сега засега се такви процедурите“, изјави Џафери,

Претходно министерот Тошковски во објава на Фејсбук оцени дека вчерашната одлука на Владата е скандалозна и спротивна на законите.

Тој појаснува дека една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село заради кадровски дефицит во издавањето на лични документи, а останатите четири за советници од неговиот кабинетот со кои им се даваат конкретни насоки за постапување.

„Со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес“, напиша Тошковски.

Владата вчера соопшти дека како второстепен орган, прогласила за ништовни пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност донесени од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, бидејќи биле со едностран потпис.

Како што соопшти Службата за односи со јавноста на Владата, актите се прогласени за ништовни по укажување на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, дека со едностран потпис, само од страна на министерот за внатрешни работи Тошковски, се донесени пет наредби за кадровски прераспоредувања.

„Согласно Законот за Влада на Република Северна Македонија, заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документ – во спротивно не произведува правно дејство“, посочија од Владата.