Две и пол години затвор за Мухамед Зеќири, треба да врати и над 71 милион денари во државниот буџет

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, е осуден на две и пол години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Тој треба и да ги надомести парите што државата ги плаќала поради неговите договори склучени во четири очи.

Нема да му се конфискува недвижниот имот во Чаир, ниту парите најдени во сефот на сопругата на Зеќири.

„Обвинетиот Мухамед Зеќири сторил злоупотреба на службената положба и овластувањето. Обвинетиот го осудувам на казна затвор од 2,6 години“, рече судијката.

Мухамед Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.