Доделени наградите од конкурсот за есеј “Визија за европско Скопје”

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ги додели трите награди од првиот конкурс за новинарски есеј на тема „Визија за европско Скопје“, кои се обезбедени со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Конкурсот беше распишан во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ и по повод Денот на ослободувањето на главниот град.

Од 20-ина пристигнати есеи, жирито во состав: Томислав Османли (претседател) и Елизабета Кузамановска и Никола Глигоров (членови) одлучија првата награда да и биде доделена на Кристина Шумадиева од Кафепауза.мк за текстот „Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав!“.

Втората награда ја доби Бојан Шашевски од Младински образовен форум (МОФ) за есејот „Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град“, а третата за Тања Сарандеска од Утринска програма на МРТ за „Ноември во мојот град“. Финалисти беа уште два есеја чии автори добија признанија – „Мојот визионер“ на Анита Никушева-Јованчев и „Со локални ресурси до европско Скопје“ на Сунчица Николоска.

Наградите им ги врачи евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар.