Директорката на ГАК со апел: Под итно ни требаат доктори и медицински сестри, си заминуваат, а се работи 24 часа

На денот на предвреме родените бебиња, директорката на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, апелираше под итно да се одобрат вработувања посебно за одделот за предвреме родните. Таа и министерот за здравство Фатмир Меџити се пофалија со рекордно ниски бројки на смртност кај предвреме родените. Од 74 отсто во 2017 година, годинава смртноста кај предвреме родените бебиња е сведена на 5,6 отсто што директорката Јованоска рече дека е извојувано со макотрпна борба, но нагласи дека во најскоро можно време им е неопходно одобрување нови вработувања оти секојдневно си заминуваат и сестри и лекари од тој оддел.

„Работиме со многу мал број вработени. Нас под итно ни требаат доктори и медицински сестри кои што секојдневно го напуштаат одделението затоа што се соочуваат со огромен предизвик меѓутоа и многу тешка задача. Тоа е 24-часовно работно време без можност за одмор. Вработените, особено докторите на тој оддел, немаа можност дури ни да го искористат правото на годишен одмор заради тоа што секогаш обврските ги тераат да бидат присутни тука. За да ги постигнеме овие бројки должиме на овие вработени кои, верувајте, макотрпно ја извојуваа оваа победа. Последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри кои не можеа да го издржат тој предизвик. Таа работа е исклучително тешка. Борбата за живот на деца од 500 и 600 грама е огромна одговорност за вработените. Тие се под силен притисок и од мене и од целокупното раководство, секако и од нивната морална одговорност. Не можат да се соочат со тие предизвици и си одат“, рече директорката Јовановска.

Додека министерот Меџити спокојно седеше до неа, директорката Јовановска апелираше не само до него туку и до сите останати надлежни што е можно побргу да се одобрат вработувања за да можат побрзо и да се реализираат.