Депониите за некои ќар, за сите загадување: Кабли од кои се вади бакар илегално се палат под Кале

Ромската населба на работ на Вардариште се чини дека е неколку круга од пеколот подолу од очајната состојба во која живеат луѓето под Кале. Трошни, прикрпени куќарки и многу кал, помешан со отпад, не дочекуваат уште веднаш, пренесува Мета.

Облеката на луѓето е изветвена, децата полуголи, со искинати обувки. Во населбата, сместена во близина на некогашна А1 ТВ има диво приклучени на струја, а пред неколку куќи се гледаат цевки од кои тече вода. Сепак, доминираат трошни импровизации од живеалишта, за кои зборот субстандард е грдо потценување на реалноста. Буричкањето по отпадот среде кој живеат понекогаш резултира со пластика или метал кој можат да го продадат. Остатокот што не им треба се гори. Доминира миризбата на изгорена пластика, но и друг отпад. Знаат ли дека тој чад ги труе и нив и децата, ги прашувам. Знаеме ама на што да се грееме? Треба да преживееме!, велат.

Густ сив чад се назира во далечина, од правецот на дивата населба под Кале. Тоа е локацијата од каде зимава во повеќе наврати се гледаше како нешто гори, а смрдеата на изгорена гума и пластика потоа се ширеше по течението на Вардар. Во студени денови и во услови на магла, миризбата на изгорен отпад стана дел од амбиентот на мачното секојдневие на скопјани.

Градската инспекција, составен од комунален инспектор и комунален редар, објаснуваат како постапуваат на терен кога ги вршат редовните обиколки на бројните црни точки по градската периферија, во потрага по запалени огнови. „Одиме на терен и по пријави на граѓани на телефонот 193, а ова е едно од местата за кое почесто се пријавува дека нешто чади“, вели инспекторот Ацо Петрушев, кој додава дека честопати чадот потекнува од огништата во прикрпените трошни куќарки на Ромите, кои со години живеат во оваа дива населба, но инспекторите немаат право да интервенираат во таков случај иако се свесни дека во импровизираните печки се гори разновиден отпад, пластика, гума.

Во овој дел на лице место имаше  повеќемина жители, главно мажи. Има и деца од школска возраст, но ниту едно не оди на училиште, велат. „Еве, предмалку си заминаа тие што палат, како не дојдовте порано за да видите дека горат кабли за бакар и тоа веднаш до нашите куќи, децата ни ги отруја!“, им се обраќа на инспекторите Ќамуран, млад маж со негувана брадичка, светкава обетка и со смартфон кој ѕирка од џебот на тренерката. „Ние селектираме хартија и од тоа живееме, заработувачката е мала, по еден денар од килограм ама мора од нешто да се живее“, вели тој. На местото каде до пред десетина минути нешто гореше, сега се гледа свежо изгаснато огниште.

Палењето кабли за да се дојде до бакарната жица, која е прекриена со пластика е еден од највносните бизниси во дивото селектирање на отпадот кое се одвива во градот. Кога ќе се запалат, овие кабли бргу горат, но произведуваат густ, темносив и тежок чад, исклучително токсичен и животнозагрозувачки доколку директно се вдишува. Еден килограм така добиен бакар на црниот пазар чини помеѓу 200 и 300 денари, а една тајфа диви „рециклатори“ на каблите можат на тој начин да заработат и до 2-3000 денари на ден. Се разбира, до каблите најчесто се доаѓа по нелегален пат, преку кражби, што е работа за полицијата.

„Аа, ма каква полиција, па биле тука стопати полицајци, и ќе ги фатат на дело и само ќе им кажат-зимај бакарот и да те нема“, одмавнува со раката еден од младите на моето прашање зошто не викнат полиција ако навистина некој друг доаѓа и го пали отпадот кај нив. „Ги знаеме ние, тоа се тие од „Ранка Милановиќ“ (еден од објектите за сместување на ромски семејства од дивите населби, н.з.), доаѓаат со шипки, сакаат да се тепаат, ни прават проблеми“…

Некогашната депонија најпрвин била оградена со жица, но од оградата сега нема ниту трага, па буквално секој може да влезе и да се движи низ огромниот простор на никогаш неревитализираното и непокриено градско ѓубриште. Тоа и денес се користи за диво депонирање на секаков отпад, но, впечаток е дека државата нема речиси никаков увид во тоа што всушност се случува таму, и покрај редовните патроли на инспекциите. Едноставно, просторот е темната зона на предградието на Скопје.