Денеска ќе биде отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“

 

Во НУ Музеј на македонската борба денеска ќе биде отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, а под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.

Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од село Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.

Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава.