Даријан Сотировски поднесе претставка за дискриминација за настанот со стадионот во Тетово

Даријан Сотировски, актуелен директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, кој е жител на Тетово преку Фејсбук објави дека поднел претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, против Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами поради настанот кој беше организиран од локалната власт со цел да се презентира идејата за реконструкција на градскиот стадион на која имаше ревијален натпревар и настап на музичари.

Сотировски образложува дека жителите со македонска национална припадност биле дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик.

„Сметам дека јас и жителите со македонска национална припадност сме дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик. Имено, како граѓани имаме рамноправно право за политиките, проектите и настаните на Општината во кои учествуваме преку плаќањето даноци да бидеме информирани на македонски јазик. На настанот да се чувствуваме добредојдени, нашата култура да е подеднакво претставена, покрај останатите да има изведувачи и Македонци, водителот да говори и на македонски јазик, да се виори македонското знаме и да се интонира македонската химна. На ревијалниот натпревар да учествуваат фудбалски ветерани и Македонци и да бидат удостоени и македонските фудбалски клубови“, рече се вели во објавата на Сотировски.

Според Сотировски, постапувањето на општината е дискриминациско и ги сегрегира граѓаните.

„Убеден сум дека големото мнозинство жители на Тетово од различна припадност се согласуваат дека градот може да оди напред само кога е пријатно место за живеење на секој еден човек. Но, мора да се согласиме дека тука има и нелуѓе, и нив мора енергично и постојано да ги разобличуваме“, вели Сотировски во објавата.

На 12 април, Општина Тетово презентираше нов изглед на Градскиот стадион, а притоа градоначалникот самиот рушеше дел од трибините. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари само на албански јазик.