Дали и колку Македoнците купуваат на акции и промоции во маркетите?

Министерството за економија предложи да се забрани да се нуди акциска и промотивна продажба од страна на сите синџири на трговци во државата до 30 ноември, а од следната недела ќе предложи и замрзнување на цените на производите во прехранбената индустрија. Тоа според министерот за економија Крешник Бектеши ќе доведе до линеарно намалување на цените за минимум 10 отсто. 

Мислењата на граѓаните за оваа најавена мерка поделени, единствено во едно се согласни - дека цените се „до плафон“ и затоа мора убаво да ги загледуваат цените на производите кои ги купуваат.

- Го забрануваат тоа на кое луѓето со мали примања се навикнати. 

- Штета. Ние секогаш супуваме на акција низ околните маркети, затоа што е поисплатливо. Секако го гледаме рокот бидејќи станува збор за храна. Ова е тренд секаде во светот, а кај нас ќе се укинуваат акциите. 

- Акција промоција = изминат рок. 

- Никогаш не купувам производи на акција. Затоа што тоа е маркетинг трик за производ со лош квалитет. Дали несоодветно чуван,или не направен по стандарди и во крајна линија со рок пред истекување, вел иедна скопјанка. 

Трговците, како што кажа Бектеши, нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат да ги поскапат. 

-Сите анализи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на основните прехранбени производи и од страна на трговците, но и од страна на производителите, имајќи го предвид намалувањето на цените на светските берзи, рече Бектеши по работниот состанок со раководителите на подрачните одделенија на Државниот пазарен инспекторат. 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и вчера порача дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.

-Неетичкото однесување носи до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна, предупреди Битиќи, потсетувајќи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори.