ЦУК: Наполнете добро гориво ако одите на планина, задолжително имајте зимска опрема

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните да патуваат внимателно денеска и во текот на утрешниот ден, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите,и со соодветна зимска опрема за возилата.

- “На повисоките места и планинските превои, е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници. Потсетуваме дека луѓето кои живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на граѓаните пеш, бидејќи е можна појава на голомразица“, се вели во соопштението на ЦУК.

Од УХМР известија дека времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи претежно од снег . Според нив врнежите на некои места ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 см), а во пониските места од 3 до 10 сантиметри.

Локални врнежи од снег, како што информира УХМР, ќе има и во недела претпладне. Од понеделник времето ќе биде стабилно со појава на магла по котлините и со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштаат и под -15 степени.