ЦУК алармира и апелира до граѓаните на Куманово да не ја користат водата за пиење од Водоводот

Заради надминување на голем проблем со водоснабдување во градот Куманово денеска до Центарот за управување со кризи и до Секторот за операции и координација е побарана координација помеѓу институциите.

Како последица од вчерашните обилни поројни врнежи од дожд и град во Липковскиот регион предизвикано е зголемување на нивото на Липковска Река, кое има влијание на системот за водоснабдување односно на филтер станицата на ЈП Водовод Куманово. Одговорните информираат дека филтер станицата изнесува количина од над 10.000 m3 заматена вода а тоа влијае на процесот на прочистување и испорака на водата до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните. Ова најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден, се до моментот на надминување на состојбата, известуваат од ЦУК.

По налог од Центарот за управување со кризи, Инспекциските служби и Центарот за јавно здравје од Куманово ќе излезат на лице место да направат увид и да земат мостри за анализа, односно да донесат соодветно решение за понатамошната постапка. Истовремено е известена и Општина Куманово во насока за превземање на мерки и активности со цел надминување на состојбата, која е во интерес на граѓаните, а во моментот е воспоставена и комуникација со медиумите заради известување на граѓаните на Куманово, соопшти ЦУК.

Во 12.00 часот е најавен состанок на Општинскиот штаб со сите претставници на институциите во Општина Куманово.