Бочварски – Рустеми: Коридорот 8 е стратешки проект, пратениците да го изгласаат законот за доизградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

Премиерот Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.

Експресниот пат е дел од европскиот Коридор 8, стратешки проект за Северна Македонија и Владата на Република Северна Македонија инвестира сериозни средства за негова доизградба и модернизација.

Овој експресен пат кој е со должина од 25,5 километри се гради во две фази и се очекува да биде завршен до крајот на оваа година.

Бочварски потенцираше дека инвестирањето во квалитетна и модерна инфраструктура е во фокус на Владата сите овие години и потенцираше дека тоа носи силен бенефит за граѓаните, за компаниите, за целокупната национална економија.

„Нескромно е ако кажам дека ги реализираме најголемите инвестиции во изградба и модернизација на целокупната патна и железничка инфраструктура, особено на Коридорот 8 каде инвестициите надминуваат 2 милијарди евра. Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка претставува еден стратешки проект на источниот крак на Коридор 8, со кој значително го подигнуваме нивото на безбедност при патувањето и обезбедуваме подобри услови за сите оние граѓани и фирми кои патуваат во овој дел од земјата. Имаме силен прогрес на работите и очекувам дека ќе возиме по нов и модерен пат оваа година. Но, за да го реализираме ова, односно за да го завршиме патот навреме упатувам јавно апел до сите пратеници да го изгласаат Законот за грант средства за овој експресен пат кој што се наоѓа во Собрание, бидејќи овој пат не е за политичките партии, овој пат не е за политичарите, овој пат е за сите граѓани.“ – изјави министерот Бочварски.

„Ние којшто сме тука од овој крај, најдобро знаеме колку беше запоставен североистокот, но и колку секојдневно се боревме во овие години, да токму се развива североистокот, да има градежна експанзија како денес и тоа што недостигаше во минатото, да се надомести во овие години. Колку што се радуваме и очекуваме што побргу овој проект да заврши, токлу се чудам зошто, на крајот, пред самото завршување со реализацијата на овој капитален проект од над 100 милиони евра, како дел од Коридорот 8, се наидува на една блокада од Собранието, односно од комисијата за финасирање и не се дозволува да истиот се заврши. Токму од тука ја праќаме пораката сите пратеници, да се издигнат, ова не е нечииј личен интерес. Ова не е партиски или политички интерес, овој проект е интерес на граѓаните, на североистокот и веднаш треба да се донесе законот со кој се овозможуваат 14 милиони евра, грант за финализирање на овој проект. Верувам дека разумот ќе надвладее и дека оваа 2024 година граѓаните ќе го користат овој пат“, изјави Николовски.

Рустеми во своето обраќање истакна дека ЈП за државни патишта продолжува да работи на сите капитални проекти и да ги засилува активностите на терен како што започнува градежната сезона.

„Изградбата на двата европски Коридори е приоритет на Владата на Република Северна Македонија, односно на ЈП за државни патишта. По движењето на Коридорот 8 инвестиравме во неколку проекти. Извршивме рехабилитација и на магистралниот пат Куманово – Страцин со должина од 32 километри која е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Исто така беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а ја завршивме и реконструкцијата со рехабилитација и доградбатанаедна лента и на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри. Изработена е проектна документација за рехабилитација на државниот пат А2 обиколница на Крива Паланка, а во подготовка е тендерската документација за избор на изведувач и надзор.“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми.