Бислимовски: Парното нема да поскапи, ќе ги превземеме сите механизми тоа да не се случи

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција кажа дека регулаторна ќе ги превземе сите механизми да имаме стабилна цена на топлинската енергија имајќи ги во предвид цените со природниот гас на берзите во Европа.

„Во ниту еден случај нема да дојде до никакво поскапување на цената на топлинска енергија за домаќинствата, единствено може да дојде до намалување во зависност дали ќе има субвенции, дали ќе нема.Во текот на јули вообичаено ние ќе ја донесеме таа одлука.Можевме и сега да носиме популистичка одлука, кога ја намаливме цената за не домаќинствата, но се решивме да им се помогне пред се на овие потрошувачи кои во текот на енергетската криза ниту еднаш не беа субвенционирани, рече Бислимоски

Тој додаде дека во наредниот период ќе се следи ситуацијата со цената на природниот гас

„Во наредниот период ќе ја следиме ситуацијата со цената на природниот гас и ќе видиме како понатака тоа ќе се одрази. Загрижува фактот што ТЕ-ТО дава нешто помалку од тоа што сме го предвиделе да го дава на мрежа, но понатака како ќе проаѓа времето ќе анализираме, ќе имаме состаноци со ТЕ-ТО и со ЕСМ дистрибуција на топлинска енергија да видиме што било причината за тоа“, рече Бислимоски.

 Нагласи дека топловодот на мостот „Беласица“ кој беше оштетен во пожар нема влијание на работата на ТЕ-ТО.

„Мислевме дека има, ама сега нема влијание, но ќе видиме зошто ТЕ-ТО од средината на декември па некаде до 10 јануари не произведувал ни електрична енергија, а со тоа ни топлинска енергија бидејќи цената на природниот гас била таква што цената на електричната енергија не ги покрива трошоците за работа, истакна Бислимоски и посочи дека ТЕ-ТО дава топлинска енергија кога му дозволуваат пазарните услови.

Прецизира дека било предвидено ТЕ-ТО да дава околу 60 проценти од топлинската енергија, а во системот испорачувало под 50 проценти.

„Не можеме да бараме од ТЕ-ТО како нерегулиран производител ни на електрична ни на топлинска енергија да дава нешто што би го носело во големи загуби. Ние не можеме до крај да бараме од ТЕ-ТО произведувај повеќе топлинска енергија а помалку електрична енергија кога јасно е дека најголемите добивки ТЕ-ТО си ги прави на слободниот пазар на електрична енергија од продажба на електрична енергија“, појасни Бислимоски.