Антикорупциска повторно ќе одлучува по приговорот на Силјановска

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова во врска со полагањата во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев“ за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

„Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик“, пишува во приговорот на Силјановска.