Андоновски на средба со секретарите на сите општини во Македонија: Граѓаните да имаат брз пристап до потребните услуги

Дополнителниот заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, организира средба со секретарите на сите општини во Република Македонија.

„Се надевам дека оваа средба ќе биде почеток на една успешна комуникација, во која ќе имаме заеднички позитивни аспекти и меѓусебна поддршка“, рече Андоновски.

На средбата се дискутира за поддршката што првенствено треба да одговара на потребите на граѓаните. Исто така, важни апсекти, кои беа дискутирани на средбата, беа подобрување на комуникацијата помеѓу Министерството и локалната самоуправа, како и поттикнување на соработка и комуникација помеѓу секретарите од локалните самоуправи.

Андоновски посочи дека клучната поента е правилата што се однесуваат на работата на админстрацијата во општините мора да се креираат заедно со нив.

„Особено внимание ќе посветиме на создавање услови за поголема флексибилност на вработените, особено во помалите општини, со можности за работа на далечина, флексибилно работно време и поголема мобилност на вработените. Размислуваме за заживување на порталот за мобилност на вработените, каде што тие, по сопствена волја, ќе имаат можност да го променат своето работно место“.

Андоновски се осврна и на аспектите на дигитализација на услугите на општините и нивно поврзување помеѓу централните и локалните институции.

„Целта треба да биде граѓаните да имаат брз и ефикасен пристап до потребните услуги независно од тоа кој е давател на конкретната услуга“.

Секретарите на општините истакнаа дека е потребен процес на унифицирана дигитализација, каде што сите општини да користат исти централизирани апликативни решенија во делот на наплата на даноците, градежно земјиште, архива, софтвер за менаџирање со документи, софтвер за управување со човечки ресурси, унифицирани веб-страници и други.

Општините сметаат дека измените во Законот за административните службеници и Законот за вработени во јавниот сектор се неусогласени со Законот за минималната плата и тие воведуваат во нееднаквост на платата на службениците на исто ниво во различни дејности во јавниот сектор.

Присутните заклучија дека е потребна доработка на законите со широки консултации и земање предвид на забелешките на сите засегнати страни.