Андоновски: Администрацијата ни е нефункционална, граѓаните не можат да завршат работа

Стефан Андоновски, дополнителниот заменик министер на Министерството за информатичко општество и администрација во СТУДИО 10 на ТВ 24 вели дека МИОА дава согласност за вработување на дополнителен број на луѓе по брза постапка. Според него ова значи дека се прави предизборен поткуп со работните места

„Ова е хроничен проблем и било пракса и порано. Но затоа е воведен чл. 8а од Изборниот законик кој го спречува тоа. За здравствените работници ќе беше добро да се донесе закон за трансформација на работните места, но станува збор за малку вработувања во здравството. На пример, 300 вработувања се во Македонски шуми. Од друга страна, ова е направено со оглас на кој можел да се јави кој било, па имаме ситуации кога се примени лица кои воопшто не ни работеле на договор во некоја институција и му го зеле местото на оној кој работел на договор на дело“, дополни Андоновски.

Тој вели дека е потребна вистинска реформа на јавната администрација која би значело флексибилен и функционален систем и задоволни вработени.

„Сега имаме околу 130 илјади луѓе во јавната администрација, но има луѓе кои се иселуваат па се намалува бројот. Ние реформата ја гледаме во смисла на укинување или спојување на одредени административни институции за да бидат функционални. Размислуваме да воведеме систем секој вработен да си го најде местото каде што му одговара да работи. Но, мора да се најде решение за прекинување на договорите на луѓе кои ништо не работат. За жал во администрацијата недостасуваат ИТ кадар, правници, архитекти. Тие луѓе нема да дојдат да работат од приватниот сектор затоа што платите таму им се поголеми. Затоа треба да се најдат решенија со обука на лица од администрацијата и за сметка на тоа да останат да работат во администрацијата“, рече тој.

Тој додава дека нема превработеност во администрацијата, но перцепцијата е таква затоа што граѓаните се соочуваат со ситуации кога не можат да си ја завршат работата и тоа е легитимно чувство оти е така.

„Граѓаните се научија да живеат со апсурдите наместо државата да ги решава апсурдите. Таков е примерот со балансерот кога Македонци се пишуваат дека се нешто друго. Ние планираме да го укинеме балансерот затоа што е заснован врз погрешна основа, односно во него се бројат и оние лица кои се иселени од државата. Ние треба да ги гледаме условите дали се исполнуваат, па потоа да се гледа дали ако се вработи Македонец ќе се наруши балансот. Инаку има министерства и институции каде поголемиот дел од вработените всушност се Албанци”, заклучи Андоновски