Алпинистот Здравко Дејановиќ имал здравствени проблеми при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите

Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави на Фејсбук Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).

„Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето“, се вели во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

Вчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзнатини на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.