Алармантни предупредувања на метеопрогнозерот Попоски: Температурите на сонце ќе надминат 50 степени!

Опасен топлотен Африкански бран ќе влијае на времето во Македонија во текот на следните денови. Температурите на многу места низ нашата држава ќе надминуваат 35 степени, додека во централните и во југоисточните предели тие ќе надминуваат дури и 40 степени, односно во тие предели од Македонија температурата ќе се искачи дури до 43 степени.

Ув индексот ќе има екстремно висока вредност и ќе има коефициент 10, па затоа апелираме граѓаните да не излегуваат во најтоплиот дел од денот (од 10 до 17 часот), но и да пијат повеќе течности.

Времето ќе биде претежно сончево, повремено со мала до умерена локална облачност. Повремено во попладневните часови и тоа според нашата алатка за рана најава на невреме “NOTHAS” ќе има услови за слаб до умерен развој на грмотевични облаци и тоа особено во планинските предели и истите би можеле да условат појава на локален краткјотраен дожд и грмежи.

Барем според моменталните анализи со кои разполагаме, овој голем топол Африкански бран кај нас ќе се задржи најмалку седум денови.

Горенаведените очекувани температури на воздухот ќе се мерат под сенка, додека на сонце тие ќе бидат многу повисоки и локално ќе се искачуваат дури до околу, па и над 50 степени. Со ова, според Европскиот метеоаларм, Македонија ќе влезе во портокалова предупредувачка фаза поради очекуваните екстремно високи температури. Исто така, поради екстремно високите температури расте и опасноста од појава на шумски пожари, па затоа ги предупредуваме граѓаните да бидат крајно претпазливи како се однесуваат во природа, предупредува метеопрогнозерот Славчо Попоски.