Агелер: Од клучна важност е на 8 мај луѓето да излезат и да гласаат

Американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Канал 5, вели дека граѓаните на овие избори бараат да слушнат решенија и да видат акција. Таа додава дека многу важно е најпрво, гласачите дали во Македонија или во САД да се едуцираат, да бидат свесни за тоа кои се различните гледишта на политичките партии, да размислат за нив, да бидат свесни за дезинформациите и лажните вести, а потоа да го погледнат изборот кој е пред нив и да побараат од кандидатите визија за иднината на оваа држава.

- “Бидејќи јас навистина верувам дека Македонија е во клучен момент и дека изборите кои доаѓаат, активностите, напредокот за реформите кој ќе се одвива во следната година или неколку години ќе биде клучно за иднината на оваа земја. Ова е земја која има толку многу ресурси, пред се, тоа се младите луѓе, граѓаните кои се најголем ресурс на оваа земја, но исто така природни и културни ресурси и важно е да се потсетиме дека најпрво, Македонија е во Европа, ова е европска земја и со право припаѓа во Европа. Затоа, движејќи се кон целосна евроинтеграција во евроатлантската структура е од клучна важност. Повторно, тоа што е многу важно, не само за граѓаните да се едуцираат самите себеси, но можеби уште поважно, е откако ќе го направат тоа, тие мораат да гласаат“, посочува Агелер.

За Агелер е многу важно граѓаните да излезат и да гласаат и да побараат од кандидатите да кажат која е визијата за иднината.

- “Знаете, тажно е бидејќи слушнав голем број на луѓе кои велат „смачено ми е од политика, смачено ми е да слушам политичари, затоа нема да учествувам“. Но, од клучна важност е во демократија, ние како граѓани да го сфатиме тоа многу сериозно и да бараме од нашите кандидати која е нивната визија за нашата иднина, да видиме кои се нашите цели за нашите семејства, за нашата заедница, за оваа земја. И потоа од клучна важност е на 8 мај да излезат и да гласаат, затоа што важно е тие да ги изберат кандидатите кои тие сметаат дека ќе ги однесат кон најсветлата иднина за оваа земја“, подвлекува амбасадорката на САД.