540.000 Македонци скенираат сметки - низ фејсбук групите се бара сметка плус за да се достигне лимитот

Не е мал бројот на Македонци кои скенираат сметки и го очекуваат повратот на средствата на секои три месеци. 

На социјалните мрежи велат дека, и овој приход, им е испланиран и добредојден во семејниот буџет, а се што треба е да скенираат сметки, а доколку ги немаат се трудат да ги обезбедат и од други. 

- 540 илјади корисници, граѓани кои редовно скенираат фискални сметки се најсилна потврда за успешноста и значајноста на оваа мерка. Од една страна враќаме пари кај граѓаните, а од друга се бориме против сивата економија. Ќе продолжам да се борам и понатаму, оваа мерка да биде најдоброто нешто од сите мерки коишто досега сме ги реализирале, вели заменик претседателката на СДСМ и директорката на УЈП Сања Лукаревска. 

Она што може да се забележи на социјалните мрежи е и дека, оние кои немаат фискални од пазарување, се снаоѓаат да најдат сметки за да ги скенираат за да ја зголемат сумата се до лимитот кој го исплаќа државата, а изнесува 2.100 денари. 

Најчесто во фесјбук грубите се бараат сметки, од оние кои имаат вишок. Најчесто оние кои работат во продавници, маркети, бензински...може да ги земат сметките кои клиентите ги оставаат и да ги препратат на други за да скенираат. 

На социјалните мрежи постојано се бараат сметки за скенирање, но има и такви кои сами нудат да им излезат во пресрет на други граѓани, на некој начин, да бидат хумани и доколку имаат повеќе нескенирани сметки им ги праќаат во „Инбокс“. 

- Само јас скенирам од нашето семејство и речиси секогаш го исполнувам лимитот. Не е мала сума, околу 2.000 денари на три месеци да легнат на сметка, споделува една граѓанка. 

- Да, скенирам, но кога стигнам, не се заморувам многу да го постигнам лимитот. Немам време, ниту нерви да барам по социјални мрежи фискални, но тие луѓе кои бараат може навистина им значат тие пари, а мене ми се како гратис, вели друг скопјанец.