Жител на Кичево се огласи за убиството на двегодишното девојче: Го знам таткото, системот е крив

Јавноста во шок по веста за смртта на двегодишното девојче кое било претепано од сопствениот татко.

- Осомничениот 29-годишник, на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој и нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопштија денеска од Јавното Обвинителство. 

За несреќата се јави жител од Кичево кој го сподели своето искуство со осомничениот татко и кој порача дека системот е виновен за убиеното девојче.

- За убиеното девојче од 2 години системот е крив. Ако некој праша зошто еве ви одговор: бидејќи го знам убиецот и како таков одамна требаше да биде процесуиран, сега е за жал касно. Тој е човек кој кај мене влезе да краде. Па бидејќи полицијата неможеше да го пронајде бев приморан јас да го барам и за среќа го пронајдов. Потоа излеговме на суд, замислете обвинителството ми рече дека нема што да правиме, бидејќи до сега има 30 кражби, на тоа јас одговорив - за да биде осуден дали треба да има 300 кражби? Па на тоа не добив одговор, за потоа пак да ми влезе да краде и го фатив на лице место па мораше да го тепам додека не се измоча, за жал не го утепав. Ете драги мои човекот после 30, 40 кражби не беше процесуиран па дојдовме до ситуација да убие две годишно девојче. За жал сега е касно, напиша Семир од Кичево.