Жена се онесвестила на Водно, ја извлекувале пожарникари со теренско возило

Центарот за управување со кризи на единствениот број за итни повици Е-112 вчера напладне добил пријава за жена пензионерка која изгубила свест при престој на врвот на планината Водно во правецот од Крстот кон Матка. Истата била дел од група на пензионери, коишто до врвот пристигнале од Средно Водно со жичницата.

За истото веднаш биле известени Итната медицинска помош (ИМП), но истите со возилото не можеле да се искачат до врвот, поради мраз и снег на некои осојни места. Докторот од ИМП побара помош од дежурните во Секторот за операции и координација на ЦУК, по што веднаш биле известени лицата од Спасителната станица на Црвениот Крст на Водно. Истите тргнале со возило, но и тие не можеле да го поминат критичното место, осој, каде што имало мраз на стрмниот пат, поради што едно лице од Спасителната станица тргнало да оди пешки кон врвот и ја лоцирал жената.

Во меѓувреме биле известени и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје, кои итно и додека траеле претходните дејства, дошле со теренско возило. Пожарникарите, заедно со докторот успеале да пристигнат до местото каде што била жената. Таа била прво освестена и иако веќе била свесна, истите ја згрижиле согласно медицинските и спасителни можни мерки во случајот и со жичница ја евакуирале, спуштиле, до Средно Водно, од каде со возилото на Итна медицинска помош е префрлена во Градската општа болница „8ми Септември“.