„Во оваа држава човек и да сака да помогне – не може“ – трагичен настан попладнево кај „Рамстор“, скопјанка револтирана од односот на итната помош

По трагичен настан што се случил попладнево во близина на трговскиот центар „Рамстор“, скопјанка раскажува за случката кога се обидела да спаси млад човечки живот, за културата во сообраќајот и непријатното искуство со итната медицинска помош.

„Во оваа држава човек и да сака да помогне – не може“ – вака скопјанка Ивана ја почнува својата објава, поврзана со трагичен настан во кој млад човек паднал на тротоар во центарот на Скопје, изгубил свест и почнал да се тресе. Настанот се случил, денеска околу 16 часот во најголемата гужва во овој дел од Скопје.

„16 часот, возам пред Рамстор во Центар. Само тој што не поминал од таму во ова време од денот, не знае која гужва е. Возам полека за да пропуштам пешаци. На тротоарот десно гледам млад дечко како паѓа помеѓу кола и садник, и почнува да се тресе. Застанувам во средна лента со 4 жмигавци да излезам да помогнам. Се собраа неколку пешаци, почнаа да го креваат. Викам од прозорец "не го кревајте, свртете го на страна", пишува Ивана во својата Фејсбук објава.

Поради гужвата во овој дел од градот, немала можност да застане и помогне, но се обидела да ја повика Итната медицинска помош. Разговорот звучел вака:

- Брза помош, повелете

- Пред првиот влез на Рамстор во Центар, младо дете падна и се тресе, личи згрчено и е налик на епилептичен напад. Застанаа луѓе да му помогнат, може ли да пратите некој?

- А вие кај сте?

- Јас за жал веќе сум во заминување во кола, има луѓе со него

По што добила одговор дека таа нема право да се јавува и повика Итна помош бидејќи била во автомобил и локациски не била до детето. 

„Ама не можете вие од кола да се јавувате, ако не сте до детето немате право да се јавувате. Не може тоа така. Тие што се таму имаат телефон они нека се јават “, бил одговорот од Итната помош, по што разговорот завршил.

„Не знам што ми беше поголем шок, глетката кон детето и неизвесноста или дрскоста на "госпоѓата" од Брза помош“, вели таа во својата фејсбук објава и прашува кога станавме толку нервозни, нетрпеливи, дрски и безобразни, па дури и бездушни?

Ивана се заблагодарува на секој оној што застанал и пружил помош за младиот живот, но и на возачите кои биле трпеливи додека таа се обидувала да помогне и забележува дека не секој од нас е свесен во такви моменти, не секој може да објасни повеќе од тоа што во моментот е очигледно - паѓа, се тресе, изгледа згрчено.

Целиот статус е во продолжение: