Велосипедската патека на „Васко Карангелески“ е под секое ниво, брановидна, како рачно тапкана со лопата, велат од „На Точак“

По подолго време Град Скопје ја заврши реконструкцијата на „Васко Карангелески“ што претставува сообраќајно поврзување на три главни булевари во општина Аеродром.  

Новата улица, односно булевар „Васко Карангелески“ во Општина Аеродром е во непосредна близина на ОУ „Љубен Лапе“, па затоа има голем број реакции од родителите дека поради недостатокот на сообраќајници знаци ова е нова „црна точка“ во сообраќајот во овој дел од општината. 

Безбедноста на децата е загрозена и децата се секојдневно во опасност, потенцираат родителите.  

Со реакција се јавија и од „На Точак“. 

- „Изградбата“ е проширување на коловоз на улица до училиште, базен, полициска станица. Проширување за кое и покрај протестите и предупредувањата од јавноста, жителите и експертите беа исечени десетици возрасни дрвја, за која беше асфалтирано многу зеленило, за која се уништи мирот на децата и жителите. Што е потрагично - за се ова беа предупредувани градските власти со години, велат од „На Точак“ потенцирајќи дека е добиен автодром со 4 предимензионирани коловозни ленти. 

Реагираат дека изведбата на велосипедската патека е под секое ниво, брановидна, како рачно тапкана со лопата, а не со механизација.

- Зеленилото што е засадено е жардињерско, наместо дрвја кои прават сенка и растат со децении. Толку густо се засадени дрвцата што мораме да се запрашаме дали има некаква цел освен купување (трошење повеќе јавни пари) и броење поголем број садници?! (небитен квалитетот и видот, битно засадиле толку и толку „дрвја“). А од тој ѕид од дрвца не се гледаат пешаците кои излегуваат на преминот бидејќи крошните на дрвцата се ниски колку мали деца. Пред пешачките премини учениците ќе бидат невидливи за возачите на коли, предупредуваат од „На Точак“.