Велосипеди можат да се изнајмат на пет локации во градот

Претпријатието располага со 10 електровелосипеди, пет електротротинети и пет електрични голф-возила, кои се набавени во 2014 година, како и со седум електровозила во ретро стил, кои се набавени во 2015 година. За полнење на електричните возила има два полнача во катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“.

Велосипедите можат да се изнајмат на пет локации во градот: на јавните паркиралишта Треска, кај Градската хируршка болница „Наум Охридски“ и кај Општата градска болница „Осми септември“, како и зад трговскиот центар „Бисер“ и во катната гаража „Македонска фаланга“. Велосипедот може да се изнајми од еден, а да се врати на друг пункт.

Од претпријатието информираат дека има заинтересираност и за користење на електровозилата за туристичко разгледување на градот. Со возилата управуваат возачи од претпријатието, а се прави обиколка во центарот.

Инаку, изнајмувањето на велосипедите чини 10 денари за час, додека на електровелосипедите и електротротинетите по 100 денари за час. За електромобилите цената е 50 денари за човек за тура што трае од 15 до 20 минути, а во нив можат да седнат максимум четири лица.