Уставните измени поминаа на комисијата за уставни прашања

Предлогот за уставни измени денеска помина на собраниската Комисија за уставни прашања.

Пред Комисијатa премиерот Димитар Ковачевски кажа дека предлогот за вметнување на Бугарите во Уставот, како и на уште неколку етнички заедници е поради зајакнување на правата на заедниците поради усогласување со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

- Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државноправните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ, рече Ковачевски.

Тој ги убедуваше пратениците дека ЕУ не се меша во идентитетските прашања и дека ништо од уставните измени не задира во нив. Според премиерот, промената на Уставот носи само добрососедски односи.

Во својот говор се осврна и на европските фондови до кои пристап ќе има Македонија. Пратениците ги убедуваше да гласаат и да ги донесат измените бидејќи ќе се отворат големи фондови, кои ќе донесат просперитет за државата.