Туристичката сезона во македонскиот најголем туристички центар - Охрид е во полн ек и покрај серијата земјотреси

Туристичката сезона во македонскиот најголем туристички центар - Охрид е во полн ек и покрај серијата земјотреси во овој град изминатиот период, поради кои, дел од туристите го скратија своето летување, а дел и ги откажаа резервациите.

Сепак, хотелиерите тврдат дека нема место за загриженост, затоа што, во главно, склучените аранжмани со странските туроператори се одвиваат нормално и нема позначајни откажувања, особено од гости од странство. Македонските туристи, велат, се попретпазливи со резервациите.

Охрид е застапен во туристичките аранжмани што ги нудат ексклузивни туроператори ширум светот и тоа дава надеж за зголемување на бројот на туристи и успешна туристичка сезона.

Градот е во понудите и како дел од балканските тури како совршена дестинација, но и во пакет со уште неколку градови во земјава, со што на посетителите им се нуди да ја откријат Македонија. Ги повикуваат туристите да ја вкусат локлната кујна и вино и да се воодушевуваат од инзвонредната природа во Охрид, со живописни планини и ресорти.

Уште попривлечно е што за туристите кои би решиле да го посетат Охрид преку некоја од странските агенции, се нудат аранжмани по многу ниски цени. На пример, холандските туристи имаат примамлива понуда за седумдневен аранжман од 99 евра, кој вклучува седум ноќевања со доручек во хотел со три ѕвезди, трансфер од аеродром до хотел и обратно, и посета на Битола и Скопје во рамките на овој аранжман, што значи дека за нешто повеќе од 14 евра по ден , туристите ги добиваат сите набројани услуги. Аранжманот во оваа понуда за полупансион, пак, чини 158 евра.

За споредба, домашните туристи или посетители од странство кои во сопствен режим би се одлучиле да го посетат Охрид, ќе треба да одвојат повеќе од личниот буџет. Само едно ноќевање во хотел со три ѕвезди во градот за еднокреветна соба чини околу 35, а за двокреветна 54 евра. За полн пансион би платиле 47 за еднокреветна и 66 за двокреветна соба.

Разликата во сумата во однос на некои организирани патувања е толку голема, што можеби домашен турист би го чинело поефтино преку Амстердам да патува до Охрид.

Холандските туристи беа тие што ја отворија летната сезона во Охрид оваа година со првиот сезонски чартер-лет на авиокомпанијата "Корендон" на аеродромот "Св. Апостол Павле" со 180 патници, токму од Амстердам. Дел од туристите изјавија дека важен фактор за нивната одлука да дојдат во Македонија била и поволната цена на аранжманите.

За ова лето, 183 авиони од Амстердам беа најавени дека ќе слетаат на охридскиот аеродром, кои до крајот на сезоната треба да донесат повеќе од 28 илјади холандски туристи.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук", потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија" и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа".