Трајановски и Витина реагираат на обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ: Ги поддржавме точките кои се однесуваа на ослободување од комуналии за изградба на училиште

Денес коалицијата на Данела Арсовска, Александар Трајановски и Ирина Витина беа против градбите на градинки и спортско игралиште, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, на ова со идентичнен текст реагираа членовите на советот кои беа споменати во соопштението од опозициската партија. 

„Жалам што и Вашиот медиум одлучи да биде пропагатор на лажните вести лиферувани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, без притоа да ги проверите информациите или да побарате и став од другата страна. Вистината е спротивна на лиферуваната лажна вест од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а доколку ја гледате и снимката од преносот на седницата на Советот на град Скопје, јасно ќе забележите дека наведените точки кои беа ставени на гласање на денешната седница на Советот на град Скопје, а кои се однесуваат на ослободување од плаќање на комуналии за изградба и реконструкција на училишта, градинки и спортски сали сум ги изгласал позитивно“, се вели во двете реакции. 

Тие додаваат дека за жал, фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го затскрие нивниот срам со лиферување на вакви манипулации и лажни вести.

„Тие се срамат да признаат дека овие проекти за кои гласаа денес се финансирани од Владата предводена на СДСМ, благодарение на неспособноста на градоначалниците во општините на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.Непринципиелната коалиција СДС-ДПМНЕ сепак, нема да успеат да ја покријат со ширење на лажни вести“, стои понатаму во писмените реакции од Трајановски и Витина.