Средните училишта Арсени Јовков и Здравко Цветковски ГУЦ останаа без директори

Директорките на средните училишта Арсени Јовков и Здравко Цветковски ГУЦ поднеле оставки – дознаваат од ТВ 24.

Оставките на Јованка Лековска и Драгица Костадиновска следуваат откако телевизијата го обелодени скандалот со тендерските местенки, а градот Скопје и Државниот просветен инспекторат почнаа да вршат инспекции во двете средни училишта.

„Вршењето на вонредни инспекциски надзори се во однос на раководењата на училиштата по барање на други институции. Доколку инспекторите утврдат повреда или несоодветни постапки, ДПИ ќе ги информира надлежните органи или ќе покрене соодветни прекршочни или кривични постапки“.  - велат од Државен Просветен инспекторат.

Потврда за оставките од Град Скопје се уште нема.  Градоначалникот  Петре Шилегов, пред два дена изјави  дека веќе се почнати постапки за промена на директорите на неколку скопски средни училишта, а за посочените рече дека ќе се одлучува откако ќе пристигне ревизорскиот извештај.

„Во некои од средните училишта внатрешната ревизија на град Скопје си ја врпи работата и очекувам да ги достават извештаите и ќе бидат донесени соодветните решенија“ – Петре Шилегов – Градоначалник на г. Скопје.

Директорките Лековска и Костадиновска, веќе две недели не се достапни за коментар пред јавноста, по документите кои ТВ24 ги објави минатата недела, а според кои училиштата со кои тие раководат потрошиле стотици илјади евра на јавни набавки. Фирмите кои добиле пари се на лица роднински или пријателски поврзани со споменатите директорки.