Скопјаните немаат повеќе роднини од провинција сите се преселија во Скопје

Имам две деца и живеев во Свети Николе. Кога стигнаа до средно образование, сфатив дека тука за нив не гледам иднина.Селењето во Скопје ми изгледаше како најдобар избор.Ако ме прашате денес мене најмногу ми недостига родниот крај и би се вратил назад. Моите деца сега се големи и работат – вели Васко.П. кој пред 17 години се преселил во Скопје.

Младите кои доаѓаат на студии се решени да останат во главниот град. 

– Дојдов да студирам во Скопје.Откако завршив со студиите веднаш барав работа за да останам во Скопје. Ако се вратев во Берово, може немаше да најдам работа, а ако најдев ќе работев во некоја фирма за 9.000 денари, што таму се смета за добра плата. Но, мислам дека тоа не е вреднување на мојот труд и на мојата диплома. Во Скопје работам за 30.000 денари. Трошоците се поголеми, но и можностите се поголеми – вели 30-годишната Ана.Ѓ.

Демографските показатели во последната публикација на Државниот завод за статистика на регионално ниво покажуваат разлики кои укажуваат на диспропорции во територијалната дистрибуција на населението.

Најголемата миграција од село во град се случувала во 70-тите и во 80-тите години на минатиот век. Преселбата од провинција во Скопје сѐ уште трае затоа што Скопје не нуди квалитетен живот, но нуди поголема шанса за подобра и поплатена работа.Провинцијата секогаш била запоставена и секогаш има поделба на Скопје и останатиот дел.

Најгусто населен е Скопскиот, a најретко населен е Вардарски регион. Разликите се евидентни и во старосната структура на населението. Најголемо учество на младото население (0-14 години) има во Скопскиот, а најмало во Источниот регион.

Учество на старото население (65+) е најголемо во Пелагонискиот, а најмало во Полошкиот регион. Показателите за просечната старост на населението ја потврдуваат ваквата констатација. Разликите се гледаат и во бројот на родените и умрените лица.

Во Вардарскиот, Источниот и Пелагонискиот регион, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, бројот на умрените го надминува бројот на родените.

Индексот на просечната исплатена нето-плата по вработен во 2016 година, во однос на 2015 година, изнесува 102.0. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната исплатена нето-плата по вработен во: Полошки регион (4,2%), во Југоисточен регион (3,3% ) и во Источен регион (2,6%). 

Според податоците во последната публикација за регионите во Македонија која ја објави Државниот завод за статистика, највисок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2016 година, во однос на вкупниот просек во Република Македонија, е забележан во Скопскиот регион (17,5%), а најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2016 година, во однос на вкупниот просек во Република Македонија, е забележан во Источниот регион (25,3%).