Сезоната на алергии во полн ек - еве што советува Д-р Докиќ

Сува кашлица, отежнато дишење и кивавица се само дел од симптомите кои прават забуна кај пациентите поради сличноста на симптомите предизвикани од ковид, па често поради неразликувањето, инсистираат брзо да се тестираат.

Директорот на клиниката за пулмологија и алергологија д-р Дејан Докиќ во изјава за Канал 5 ТВ вели само преку симптомите тешко се разликува ковид од алергија, па упати апел до пациентите при појава на симптоми да не паничат, туку да се обратат до матичните лекари.

- Она што е карактеристично за сите алергиски реакции, без разлика на кој орган се јавуваат, тоа е јадежот. Често пати ако имате јадеж во носот, сугерира на алергија, но никако не значи дека ги исклучува другите болести па и можноста за сарс-ков2. Затоа најдобро е при такви симптоми да се обратат на матичните лекари или лекарите по семејна медицина кои што ќе проценат дали треба да се тестираат за сарс-ков2 или пак ќе ја постават дијагнозата врз основа на претходните податоци кои што ги имаат во своите датотеки, вели Проф. Д-р Дејан Докиќ.

Од инхалаторните алергии е речиси невозможно да се заштитат пациентите, па професорот апелира до граѓаните што знаат дека имаат алергии, навреме да ги земаат лекарствтата, како антихистаминици и спрејови за нос и бели дробови. Доколку симптомите останат изразени и јаки и при дадена терапија, тогаш најдобро е да се примени имунотерапија.

-Односно тие вакцини, затоа што имаат предност во однос на другата терапија бидејќи делуваат на природниот тек на болеста, се мисли на алергиите. Ги намалуваат симптомите, според тоа немаат веќе потреба пациентите од лекови, спречува настанување на астма, а оние кои што имаат блага форма ќе исчезне, спречува понатамошно развивање на други форми алергии и трае до 10 години. Граѓаните пак кои што не се сигурни дали имаат алергија, да се обратат на лекар, додава професорот.