Како влијае промената во летното сметање на времето на нашиот организам

Со поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред се губи еден час сон, а како тоа влијае на луѓето?

Летното сметање на времето почна синоќа во два часот – кога стрелките се префрлија на три часот.

Будењето еден час порано од вообичаеното може да го наруши нашиот деноноќен ритам или природниот 24-часовен часовник на телото и да направи да се чувствуваме поспани и дезориентирани, што пак може да доведе до други здравствени последици.

Во студија објавена во списанието Sleep Science and Practice, речиси 14 отсто од луѓето рекле дека спиеле полошо две недели по летното сметање на времето.

Како резултат на тоа, може да бидете помалку внимателни, побавно да реагирате и генерално да се чувствувате поспано.

Сите ние се потпираме на дневната и ноќната светлина за да сигнализираат на нашите тела кога е време за будење и спиење, па дури и суптилните промени може да го нарушат деноноќниот ритам што управува со нашиот одмор.

Студијата од јануари 2020 година во Current Biology покажа дека сообраќајните несреќи со фатални последици се зголемиле за шест проценти во текот на летната недела, а заморот најмногу се наведува како причина за несреќите.

„Нашата студија дава дополнителен, ригорозен доказ дека префрлањето на летно сметање на времето во пролетта доведува до негативни влијанија врз здравјето и безбедноста. Овие ефекти врз смртните случаи во сообраќајот се реални, а смртните случаи може да се спречат“, вели авторката на студијата Селин Ветер.

Студијата од 2009 година објавена во весникот за применета психологија покажа дека губењето на само еден час може да биде опасно ако работите физички напорна работа.

Способноста за контрола и донесување одлуки се намалува, бидејќи недостатокот на сон влијае на префронталниот кортекс на мозокот.

Авторот на студијата, Барнс, истражувал половина милион повреди меѓу рударите во период од пет години и дошол до заклучок дека во понеделник – ден по летното сметање на времето, повредите при работа се зголемуваат за повеќе од пет проценти и се потешки во споредба со други денови.