Очен притисок бесплатно се мереше денеска на плоштадот „Македонија“, лекарите со апел

 

Очната клиника со бесплатно мерење очен притисок на плоштадот Македонија денес го одбележува Светскиот ден на глаукомот. Ова заболување нема симптоми, па лекарите апелираат за чести прегледи и скрининзи за да може да се открие во рана фаза, што е битно за успешно лекување.

„Глаукомот претставува втора причина за слепило во светски размери, а исто така и кај нас. Секојдневно на Клиниката се соочуваме со илјадници нови пациенти, кои доаѓаат и кај кои се дијагностицира ова заболување – случајно. Го напомнувам случајно бидејќи заболувањето оди асимптоматски. Кабинетот изработи и летоци за глауком. Во нив се сите податоци во врска со заболувањето, колку често треба да се оди на преглед, како да се врши скринигот и слично“, рече доктор Ирина Богданова, офталмолог на Очната клиника во Скопје.

Богданова смета дека контролите на очниот притисоктреба да бидат дел од систематските прегледи.

„Како офталмолози сакаме да апелираме за редовни офталмолошки прегледи со тоа што барем еднаш во годината тие да бидат рутински. Не да се јавуваат на офталмолог само кога имаат потреба, туку еднаш во годината рутиснки да одат на офталмолог. Исто така, ќе се бориме мерењето на очниот притисок да се воведе во систематските прегледи. Како што се мери крвен притисок секоја година, да се мери и очниот притисок токму за превенција од ова заболување, кое е многу битно навреме да се открие“, рече Богданова.

Министерот за здравство Илир Демири рече дека се одлучиле Светскиот ден на глаукомот да го одбележат со бесплатно мерење очен притисок за да ја кренат свеста за заболувањето и да укажат дека тоа нема симптоматологија, како и да укажат на потребата од негово рано откривање за успешно лекување.