Села му се приклучи на европскиот фронт на ДУИ

Она што веќе се знаеше само се потврди со вчерашната одлука на фракцијата во Алијанса да му се приклучи на Ахмети во неговиот Европски фронт. Ваквата одлука никого не изненади со оглед дека месеци наназад се зборуваше дека Зијадин Села одлучил да оди во коалиција со ДУИ.

Од она што известија од крилото на Алијанса за оваа одлука нивните делегати гласале едногласно, односно само еден делегат бил против, а четворица воздржани. Нивните очекувања се дека ќе добијат најмалку пет пратенички мандати.

„Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Алијансата ќе има минимум парламентарна група“, рече Села.

Алијансата се подели на две крила, кога партискиот лидер Арбен Таравари објави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе настапи заедно со опозицискиот блок на Албанците: Беса, Алтернатива и Демократско движење, додека Села објави дека ќе одат на избори самостојно. Потоа следеа одделни партиски конгреси, а во судот веќе се води спор.