Респираторните болести се предизвикани од вируси и залудно пациентите бараат антибиотик, алармираат лекарите

Бранот настинки, вирози и грип постпразнично ги преполни болничките ординации ширум земјава. Присутен е и корона-вирусот, но не се препорачува правење на ковид-тест. 

Според лекарите клучен е одморот за организмот, хидратацијата и здравата храна, но сепак голем е бројот на пациенти кои инсистираат на антибиотици. 

Според доктор Бојан Трајковски упорно и постојано се бараат антибиотици!

- Некој за температура, некој пошто поткашлувал, некој пошто идел продужен викенд па да имал, секој со различна причина никој со конкретен проблем кој бара препишување на антибиотик. Најголем процент од моменталните промени се од вирусна природа и давањето на антибиотик е тотално беспотребно и нема да има апсолутно никаква корист, вели тој и апелира: 

- Да се свестиме со време бидејќи одиме кон иднина каде се помал број антибиотици ќе делуваат на бактериските инфекции токму поради ова несовесно и пречесто користење на истите! 

Макеоднците години наназад се познати по прекумерната употреба на антибиотици, уште од најмала возраст. Во дел од случаите им ги препишуваат лекарите за респираторни болести, без претходни дополнителни анализи, но чести се и случаите кога самите пациенти инсистираат на употреба на антибиотици, со цел, како што сметаат тие, побрзо оздравување и избегнување на евентуални компликации. 

Респираторните инфекции се една од најчестите причини за посета на докторот. Речиси 90 отсто од сите случаи се предизвикани од вирус каде не е потребна антибиотска терапија. Просечното траење на симптомите при овие болест се речиси 4 дена. Потребна е едукација на пациентите за овие најчести симптоми и како да се справат сами со нив, сметаат стручните лица.