Работници во чевларска индустрија: Далеку сме од минимална плата, платени сме од час - минатиот месец земавме 8.000 денари

-И после некој ќе ми каже, па зошто трпите, зошто не барате друга работа, зошто не го пријавите. Јас сменив три фирми оваа година, чевларски, бидејќи тоа имам завршено и тоа работам цел живот. И знаете? Секаде исто. Имаш минимална плата на сметка, а потоа ја враќаш назад, вели Верче.

Минатата година пратениците изгласаа минимална плата од 200 евра, но откако оваа реформа стартуваше, голем дел од работниците се принудени да ги вратат парите на газдите, а да пријават не ни  размислуваат затоа што ризикуваат да го изгубат своето работно место.

На удар најчесто се луѓето кои работат во текстилна и кожарна индустрија, каде и онака платите се најниски.

-Дали некој мисли дека може да се живее од 8.000 денари? Јас со тие пари можам само сметките да ги платам, за друго нема... Годишен одмор не ни е платен, ниту пак боледување, за К-15 воопшто ниту да не зборуваме. Оваа година сменив три чевларски фирми. Секаде исто. Чудно ми е само во една од фирмите на сметката ни пуштаа толку колку имаме заработено, платени сме од час. Па каде е тогаш законот од 12.000 денари? Таму не враќавме. Работиш секој ден прекувремено, и сабота и празници. Некоја од колешките го пријави газдата, но знаете, ништо не се смени, се си продолжи по старо. Ниту законот, ниту инспекциите, никој не застанува на страна на работниците, додава таа.