Додека Македонците си заминуваат: Издадени 3.000 дозволи за странски работници

Годишната конференција на Стопанската комора ги исфрли на виделина критичните точки на бизнисот за кои одамна нема решение. Клучниот проблем во бизнисот се платите, но и работната сила.

За да ги задржат работниците и да можат да даваат повисоки плати, работодавците бараат намалување и либерализацијата на меѓународниот пазар на труд.

- Бараме од Владата да ги намали придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто. Бараме истите да бидат намалени на 32 отсто со цел да се зголеми минималната плата. Бараме и зголемување на квотата на странски работници од 5.000 на 10.000 или 15.000 работници годишно, кажа претседателот на стопанската комора на северо-западна Македнија, Менди Ќура.

Годишно на бизнисот му недостигаат околу 10.000 работници, од кои најмногу во туризмот и градежништвото. До крајот на март годинава над 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во Македонија, а меѓу нив има и работници од Непал и Пакистан, објави „Алфа“.