Невработеноста во првиот квартал од 2023 изнесува 13,3 отсто

Макроекономски монитор што го објави денеска „Фајанс Тинк“ покажува дека во четвртиот квартал од 2022 година БДП се зголемил за 2,1 отсто на годишна основа (сезонски прилагоден раст од 1,9 отсто). Овој раст, според „Фајанс Тинк“, е остварен во услови на релативно солиден раст на личната потрошувачка (2,7 проценти) и во услови на остар пад на бруто инвестициите (-22,3 проценти).

- Извозот порасна (7,1 отсто), но увозот забележа релативно значаен пад (-4,3 отсто), што заедно со падот на инвестициите е одраз на големата неизвесност во економското окружување, на воздржаноста на економските агенти и на очекувањето за забавена економската активност и во следните квартали. Јавната потрошувачка ја продолжи патеката на консолидација (-5,9 отсто), што е соодветно и на пониско-остварениот буџетски дефицит во однос на планираниот (само 8,2 процента за целиот квартал), а поради значајната потреализација на капиталните инвестиции на државата (10,9), и поради консолидацијата на буџетската ставка стоки и услуги (18,9). Забавувањето на економијата е видливо во земјоделството (0,1) и индустријата (0,8) и во повеќе услужни дејности, додека градежништвото и трговијата, транспортот и хотелите забележаа значаен раст кој надминува 10 проценти, наведува „Фајанс Тинк“.  

Како што се посочува во анализата, невработеноста во првиот квартал од 2023 изнесува 13,3 отсто, што е задржување на трендот на намалување, но во серијата настанаа структурни методолошки промени поради што директна споредба со претходните бројки не е можна. Вработеноста изнесува 45,1отсто, додека активноста на пазарот на труд 52 отсто. Поради наведените структурни промени, точната динамика не може да се утврди, но се чини дека останува присутна тенденцијата на пазарот на трудот одредена од падот на вкупното, работоспособното и вработеното население и продолжената пасивизација на пазарот на труд која отпочна уште за време на пандемијата. 

- Во првиот квартал од 2023-та инфлацијата забави на 16,1 процент на годишна основа, откако го постигна својот врв од 19,3 во претходниот квартал. Забавувањето, исто како и растот претходно, е водено од спласнувањето на глобалните притисоци кај цените на енергијата и кај повеќе групи од храната, но базичната инфлација, која ги исклучува овие компоненти, и понатаму покажува значајна упорност, што налага понатамошна затегнатост на монетарната политика и исклучителна внимателност на фискалната политика. Неизвесноста во економијата останува и понатаму присутна, со изразени тенденции за забавена економска активност во остатокот од годината. Finance Think ја намалува проекцијата за раст на БДП во 2023 на два процента од претходните 2,4, а проектираниот раст на цените од 8,9 отсто останува непроменет, двата со нагласена неизвесност, пишува во Макроекономски монитор.