Преспанскиот договор прави проблеми, МНР со реакција да се корегира придавката „северномакедонски“ на вебот на ЕП

Не е ниту прв, а нема да биде ниту последен пат како не ословуваат со придавката „северномакедонски“. Ова веќе зема замав и во европските институции каде по реакцијата на МНР до Европскиот парламент грешката е остранета од веб страницата на Европарламентот.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, етнитети итн., кои погрешно употребиле било кој од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш корегирана“, посочуваат од МНР.

На веб страницата на Европскиот парламент, вчера, беше објавен документ во кој се анализира евроинтегративен пат на Северна Македонија и Договорот од Преспа, а владата е наречена „северномакедонска“.

Согласно Преспанскиот договор, придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции треба да биде во согласност со официјалното име на државата,  „на Република Северна Македонија“ односно нејзиното скратено „на Северна Македонија“.