Правев многу грешки во животот

Грешев многу. Цел живот грешам. А мислев дека секоја моја постапка е обоена од желбата да помогнам, да се најдам некому, да чекам додека некој не се снајде, а потоа да продолжам со својот живот, до следната станица, следната личност која треба да ги состави скршените парчиња за да не се видат пукнатините, да помогнам...

Уживав во тој процес на помагање да се состават скршените делови кај некого. Се чувствував како да имам цел. Наивно верував дека ја правам вистинската работа. Не сфаќајќи дека во процесот се губам себеси. 

Нурнувам во нивната темнина, ја впивам нивната болка. А за себе оставам многу малку. Мојот живот почна да се губи. Почна да избледнува пред мои очи додека јас се занимавав со другите, поважни од мене. Се изгубив. Навикната да решавам туѓи проблеми, да бидам гласот на разумот, мисла водилка, се губев во сопствениот живот додека чекав следен човек кому би можела да помогнам.  А луѓе како луѓе. Земаат, земаат и повеќе отколку што можат да понесат... и си заминуваат. Ја затвораат вратата зад себе, некогаш нежно, некогаш агресивно и луто. Секое заминување го одболував.

И си велев дека така треба, тоа е дел од животот. А сега дојде моето време. Дојде време да се ослободам од старите навики и новите стравови – дека нема да можам да живеам сама со себе. Време е да се составам себеси. Има толку многу делови кои се распрснати на сите страни. Ќе биде тешко, но на крајот ќе биде величествено. 

Се радувам однапред, како мајка на уште неродено дете. Прво ќе си составам деловите на душата, но овој пат ќе ја замолам да блеска навнатре, да ја осветли мојата сопствена темнина. Да ме исцели. Да ми шепоти и да ми каже како понатаму. 

Ова ќе биде прекрасно патување, а на крајот на патувањето јас ќе се чекам самата себеси со раширени раце.