Повик за Скопска улична галерија

Домашни ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност ќе можат да аплицираат на повикот што го распиша Младинскиот културен центар (МКЦ) за избор на 20 авторски цртежи што ќе се реализираат во рамки на проектот “Градот убав”.

– Идејата е во рамки на еден од најзначајните објекти од современо Скопје: објектот на Градскиот трговски центар да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити. “Градот убав” е темата со кој ќе го започнеме овој уникатен културен проект. Целта на оваа интервенција е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор – информираат од МКЦ.

Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни ќе се случи официјалното отворање на галеријата. Локацијата на настанот е автобуската постојка во рамки на ГТЦ – Скопје, на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа. Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, а организатори се МКЦ, Град Скопје и ГТЦ- Скопје. Проектот е дел од програмата КреАрт.

Повикот како и апликацијата за учество може да ги најдете на веб-страницата www.mkc.mk