Пендаровски: Не смее да се злоупотребува европското знаме, треба да се однесуваме како прави европјани

Бурни реакции најмногу од страна на ДУИ по вчерашната одлука на претседателот Стево Пендаровски да го блокира Законот за игри на среќа. Тој денес на новинарски прашања кажа дека после неговата вчерашна одлука овој закон не може повторно да влезе со европско знаме и по скратена постапка.  

- “После мојата вчерашна одлука Законот не може повторно да влезе со европско знаме, туку треба да оди во редовна процедура. Штом ќе се случи потоа? Како што вели Уставот, ако со 61 глас го донесат денес, денес ќе го потпишам. Европската комисија од Брисел праќа писмо до Владата и вели: „Во процедура во Собрание имате Закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема“. Меѓутоа пратениците го усвоија тој Закон. Пред неколку денови европскиот амбасадор Гир доаѓа кај мене и вели: „Ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме“. Значи, никој не спори дали Законот е добар или е лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Ако сакаме да одиме во Европска Унија, мораме, пред да станеме членки, да се однесуваме како прави европјани“ изјави претседателот Стево Пендаровски.

Тој притоа додаде дека овој закон ќе оди во редовна процедура каде расправата не би траела два или три дена каде би се слушнале сите аргументи на засегнатите страни

- “Законот мора да оди во редовна процедура и расправата за него да не трае само два-три дена. Јас не навлегувам во тоа дали Законот е добар или лош. Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас“, додава Пендаровски.