Кандидатите за претседател расположени за мастер дебата, реакции имало за Јакимовски и Ванковска

Кандидатите за претседател на Македонија искажале подготвеност за мастер дебатата предложена од актуелниот претседател Стево Пендаровски но некои од нив имале услови да не бидат присутни Стевчо Јакимовски бидејќи беше ставен на црната листа на САД и Билјана Ванковска за нејзините ставови во однос на НАТО и ЕУ. Од кабинетот на Пендаровски тоа го отфрлиле со причина дека треба да се почитува гласачкото тело на граѓаните

„Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати за претседател на државата и за нас не постојат спорни кандидати. Го почитуваме гласачкото тело на сите кандидати и кога некој претендира да стане претседател на државата треба да го има предвид фактот дека тој е претседател на сите граѓани. Нашата идеја е дебатата да се одржи со сите седум кандидати и добро е што имаме позитивен одговор од сите штабови. Не можеме да кажеме финално дека ќе има дебата бидејќи во следниот период штабовите ќе треба да ги договорат техничките аспекти. Организацијата и трошоците за мастер дебатата ќе бидат заеднички“посочија од изборниот штаб на Пендаровски на денешниот брифинг со новинарите.

Единствената промена во однос на дебатата е направена во нејзиното одржување. Првично беше планирано да има две дебати но бидејќи времето не дозволувало да се одржат две ќе се одржи само една со предлог таа да биде на 10-ти април.

Кампањата на Пендаровски официјално ќе почне на 4 април во Скопје со отворање на изборниот штаб во центарот на градот. Планирано е, велат од изборниот штаб на Пендаровски, тој во текот на кампањата да посети околу 60 населени места.

Вечерва Пендаровски, кој е и актуелен шеф на државата, во Клубот на пратеници ќе организира ифтарска вечер на која се поканети претставници на ИВЗ и неговите противкандидати за претседател. Ваква вечера, како што соопштија од неговиот штаб, Пендаровски ќе организира и за Велигден.

Поканата за ифтарска вечера претходно јавно ја отфрли кандидатката за претседател на Левица Билјана Ванковска, која преку социјалната мрежа Фејсбук посочи дека нејзиното „разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која впорчем нѐ обврзува и Уставот“. Таа истакна дека нема да прифати ниту евентуална покана за велигденска вечер.