Отворена првата градинка во Сопиште

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска ја посети градинката „Виножито“ којашто е прва отворена градинка на територијата на Општина Сопиште.

Оваа јавна установа има капацитет за згрижување на 31 дете за кои се грижат вкупно 7 вработени лица обезбедени со согласноти од Министерството за труд и социјална политика.

-Обезбедувањето квалитетни услови за ран детски развој создава еднакви можности за сите деца и им овозможува во целост да ги искористат своите потенцијали. Нашата цел како Влада е што поголем број деца до 6 годишна возраст да се опфатат во предучилишното образование, бидејќи раниот развој е најважен за понатамошниот развој на децата. Продолжуваме да инвестираме во детската заштита, посебно во другите градови и руралните места низ Северна Македонија бидејќи инвестицијата во квалитетно предучилишно образование значи инвестиција во човечки капитал и води до напредок на државата. Инвестирањето во раниот детски развој е основа на која се гради општество за сите- рече министерката Царовска.