Останавме без концертна сала и летните дискотеки во Градски парк

Градскиот татко неодамна изјави дека  во брзо време нема да добиеме нови улици, а и долгочекуваната обнова на  Универзална сала годинава нема да биде реализирана.

Пред две недели повторно беше пуштена линијата „50“ во ГТЦ, според многумина, доби политичка нота, а на моменти заличи и на диско-журка.

Само неколку часа претходно, Шилегов пред насобраните граѓани на старо-новата постојка во ГТЦ изрази задоволство што заедно со ЈСП успеале да ја вратат „педесетка“ во ГТЦ како некогаш. Притоа, вети дека додека е тој градоначалник ќе направел сѐ што е во негова моќ да го врати препознатливиот сјај на објектот.

Воедно градоначалникот најави дека Универзална сала нема да се гради и годинава. Шилегов, изјави дека нема пари ниту Градот ниту Министерството за култура за реализација на проектот за нова Универзална сала.

„Во соработка со Министерството за култура правиме обид да го рестартираме проект за реконструкција на Универзалната сала. За жал заради лошата материјална состојба и во Министерството за култура и во Градот Скопје заради плаќањето на долговите од ‘Скопје 2014’ не сме во можност да предвидиме реконструкција во буџетската 2018 година. Со министерот сме во координација во буџетите за 2019 година да одвоиме средства за реконструкција на Универзалната сала во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Покрај коцертната сала младите во главниот град ќе останата бе летните дискотеки.Шилегов најави дека ќе биде приморан да ги урне ноќните летни клубови во Градскиот парк, имајќи во предвид дека на локациите на кои тие сега се наоѓаат, предвидена е изградба на дел од новиот луна-парк.

Сепак, неизвесно е дали тоа ќе се оствари, имајќи во предвид дека сегашниот градоначалник неодамна истакна оти проектот за луна-паркот е ставен во мирување. Наскоро, ќе треба да одлучи дали ќе продолжи со изградбата или пак ќе бара стратешки партнер за новиот забавен парк.

Исто така во скоро време нема да добиеме нови улици.Ова не се должи на фактот што е зимски период и градежните активности се одвиваат со намалено темпо, туку, како што коментираат градските власти, прво нема пари во градската каса, а второ, речиси ниту еден проект за реконструкција или изведба на улица не е со комплетна документација.

– Кога зборуваме за сообраќајните проблеми, морам покрај оној со недостаток на планска документација, да посочам и на проблемот со документационо нерегулираните изведбени решенија на тековните проекти, како и на проблемите што произлегуваат со експроприрањето на имотите, што се на трасата на изведба на сообраќајни решенија од Генералниот урбанистички план, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.