Од кратки ракави во зимски јакни – до кога ќе се задржат „зимските“ температури?

Од температури кои се движеа околу 30 степени, се вративме на дневни температури кои се движат околу 15 степени. Заладувањето е причина за момент и на кратко да ги вратиме зимските јакни во употреба. 

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови повремено засилен западен ветер.

Под влијание на серија влажни бранови до почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно наместа со повремени врнежи од дожд.

Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.

Преодна стабилизација на времето се очекува на крајот на овој месец и околу првомајските празници.