Од денес се нормализира наставата за сите ученици во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка

Од денес учениците во основното училиште “Тодор Јанев“ се враќаат на настава откако е постигнато решение за учениците кои ќе ја следат наставата на албански јазик.

Наставата за сите ученици од ова училиште времено ќе се реализира во постојниот објект, односно до крајот на учебната година и по адаптирани наставни програми, со цел совладување на материјалот кој е пропуштен поради неодржувањето на часовите во изминатиот период.

- “Решението на горливиот проблем, кое во форма на спогодба е потпишано од министерот за образование и наука, градоначалникот на Чашка и директорката на училиштето, предвидува враќање на одземените ингеренции на градоначалникот во делот на управување со училиштето од страна на Министерството за образование и наука, како и изградба на нов училишен објект, како трајно решение на предизвикот кој го доведе во прашање образованието на мајчин јазик на учениците од оваа општина“, се вели во владиното соопштение.

Општина Чашка ќе отпочне иницијатива за основање на нов правен субјект, ќе обезбеди локација и комплетна урбанистичко – планска документација, додека МОН ќе обезбеди финансиски средства и ќе го реализира инфраструктурниот проект. Новото училиште треба да биде изградено до крајот на тековната календарска година

Инаку во ова училиште бојкотот на наставата траеше повеќе месеци откако од Министерството за образование одлучија да се воведе и паралелка на албански јазик во самото училиште на што наиде отпор од родителите кои од тогаш не ги пуштија своите деца да ја посетуваат наставата па дури и ја блокираа општината и училиштето неколку пати.

Во декември, при вонреден инспекциски надзор беше утврдено дека е формирана паралелка со 5 деца во прво одделение со албанска национална припадност, чија настава според Статутот на училиштето се одржува на македонски јазик. За да се одржува на албански, Статутот мора да биде променет