Oчекував затворска казна од 10 години, рече таткото на детето што беше усмртено на „Пластичарска“, а возачот побегна

Очекував пресуда на 10 години. Кога ќе изгубиш дете, се знае како се чувствуваш, вели Себастијан Сановски, татко на 10-годишното дете што беше усмртено од автомобил минатиот месец на т.н. пластичарска улица.

Таткото најави дека ќе се жали на денешната пресуда со која возачот Шукри Зеќири од Скопје доби затворска казна од две години и три месеци.

„Не му посакувам никому да му се случи ова. Ако имаме држава, треба да се суди правилно“, рече таткото на заминување од судот.

Во пресудата судијката Марија Клетничка наведе дека 21-годишниот Зеќири претходно не бил осудуван за кривично дело. Во времетраењето на затворската казна пресметано е и делото неукажување помош лице повредено во сообраќајна незгода за што определена му е затворска казна од 6 месеци. Тој доби и забрана за управување со моторно возило во период од три години.

Мажот возел со 76 километри на час. Зеќири претходно го призна делото, а рече дека избегал од страв да не биде тепан.